Што се всушност имплантите?

Секој заб се состои од коронка  и корен/корени. Имплантите се  конструкции кои се ” всадуваат ” во вилицата на местото каде што недостасуваат (од разни причини) природни заби, со цел да ги имитираат природните заби на најсоодветен начин. Тие се направени од метал наречен титаниум, кој е биокомпактибилен со организмот на човекот. Имплантите претставуваат титаниумски штрафови кои го имитираат забниот корен, соодветно и забот во целост. Се состојат од три дела: Коренски дел од титаниум, кој се поставува во виличната коска, Надоградба која се заштрафува во коренскиот дел и го имитира забното трупче, и коронка која се заштрафува или цементира врз надоградбата и го имитира забот во уста. Постапката на нивно поставување се изведува во операциона сала, во локална анестезија, и самата процедура одзема прилично исто време како и вадење на заб и е 100% безболна. Имплантните имаат многу предности во однос на коронките и мостовите, и се докажани како многу успешни, со над 90% успешност и животен век од над 10 години. Најважно во успешноста на имплантите е одржувањето на добра орална хигиена, како на природните заби во устата така и на самите импланти, како и редовна контрола ( на 6 месеци, т.е. 2 пати годишно), што пак би дало можност за  нивно користење и цел живот. Доколку изостанува оралната хигиена, доаѓа до создавање на плак ( периимплантен плак) кој со време се претвора во забен камен, а тој пак доведува до повлекување на гингивата и коската. На тој начин, имплантот ја губи коскената подлога, па се расклатува и во краен случај може да дојде до испаѓање на самиот имплант (слично како кај пародонтозата). Доколку пациентот е пушач, успехот на самиот зафат и понатамошното одржување на имплантот, се намалува за 10%.

Што опфаќа процедурата на поставување на импланти?

Врз основа на можностите, индикациите, целосниот преглед на усната шуплина и рентген снимката или 3Д скенот, се одлучува дали ќе се постави имплант или не. Доколку нема услови, се врши коскена аугментација, т.е. поставување вештачка коска со цел да се добие поголем волумен на коскено ткиво. Доколку има доволно услови  за поставување на имплант, постапката опфаќа 3 фази, и тоа :

  • Фаза на имплантација- поставување на примарниот дел на имплантот во коската. Самиот зафат е безболен, бидејќи се изведува под локална анестезија и не трае долго, некогаш дури и пократко од ставање на пломба.
  • Фаза на мирување на имплантот. После операцијата следи процес на заздравување, кој трае 2-3 месеци за долна вилица и 3-6 месеци за горната вилица. За време на овој период, имплантите се соединуваат со коската преку процес наречен „остеоинтеграција“. За тоа време имплантите се “невидливи” во устата, бидејќи се наоѓаат во коска, прекриени со слузокожа. Од естетски причини може да се изработи и привремен мост или протеза, за да не се наруши нормалниот квалитет на животот.
  • Фаза на поставување на надоградбите – после времето во кое мируваа, имплантите се отвараат, односно се поставуваат надоградби. Се зема отпечатоци од Вашите заби, а потоа се прави протетската конструкција (фиксна или мобилна), за која имплантатот служи како носач. За да се заврши оваа фаза потребни се повеќе посети, меѓутоа ефектот од тоа се нови заби во устата кои изгледаат природно и цврсто.

Нега и контрола на имплантите

Секако, огромна улога во долготрајноста и животот на имплантите, има нивното одржување и редовни контроли. Мора да се одржува уште поголема орална хигиена, на целата уста и посебно околу имплантите, покрај паста и четка, треба да се употребуваат и интердентални четкички, конец за заби, како и да се прават редовни контроли, еднаш до два пати годишно.