Под поимот импактирани заби се подразбираат заби кои не се израснати т.е се ретинирани во вилицата,и нивното никнување е оневозможено поради недостаток на простор, оневозможување од страна на другите заби, промени во коската, неправилна положба на самите заби или разни заболувања во детската возраст. Најчести заби чие никнување е спречено се умниците ( трети молари), потоа канините (кучешките заби), па премолари (предкатници), и накрај сите останати заби во устата. При тоа, забите можат да имаат најразлични позиции, од блага наваленост (лево или десно) преку хоризонтална позиција па се до обратна поставеност на забот (коронката долу корењата горе). Доколку не се третираат, импактираните заби можат да доведат до пореметување на забниот низ и збиеност на забите . Исто така, особено кај полуимпактираните умници, поради неможноста за нивно чистење, а со тоа задржување на плак и храна, покрај појавата на кариес како на самите заби така и на соседните, може да дојде и до поголемо воспаление на околната регија (перикоронитис) со болки и неможност за отварање на устата (тризмус), лош здив, отежнато жвакање и голтање.