Апикотомија претставува орално-хируршка интервенција при која се отстранува врвот на коренот на забот. Заедно со врвот се отстранува и присутниот патолошки процес, т.е. инфекција, гранулом, циста. Инфекцијата најчесто настанува од нетретиран кариес, кој продолжува во пулпит односно го зафаќа нервот на забот, кој пак преминува во пародонтит, т.е. инфекцијата излегува надвор од коренот, во коската и тука може да се ограничи или да се шири дифузно. Во голем број случаи, доколку инфекцијата е со помал размер, прв избор за лекување и зачувување на забот во уста (што е и примарна цел) е ендодонтски третман, кој опфаќа чистење на коренскиот канал, апликација на медикамент и затварање со дефинитивно полнење. Меѓутоа, доколку и покрај добро изведениот ендодонтски третман не дојде повлекување на истата од околното коскено ткиво,како и доколку се работи за процес со поголеми димензии, тогаш терапија од избор е апикотомија.
Што опфаќа самата процедура?
Најпрво пред да се почне со било каква интервенција, потребно е да се направи рентген слика од соодветниот заб и околното коскено ткиво. Потоа, локално се аплицира анестезија со што се елиминира било каква болка при самата интервенција. Следен чекор е правење на инцизија – рез на слузокожата над соодветниот заб, потоа одделување на периостот и слузокожата (мукопериостално ламбо) од коската и негово подигнување. Следи отстранување на коската и пристапување до врвот на коренот и патолошкиот процес, при што тој се чисти во целост, а истотака се врши и ресекција (скратување) на врвот неколку милимитри. Откако ќе се осигураме дека процесот е во целост исчистен, се прави тоалета на раната и мукопериосталното ламбо се враќа во првобитната состојба и се сутурира (шие) со неколку конци.